Кинескиот претседател Си Џинпинг утрово замина со авион од Москва, а неговата посета беше со цел зајакнување на врските со неговиот руски колега Владимир Путин, пренесоа руските агенции.
Авионот на Си го напушти московскиот аеродром Внуково со свечено испраќање, се свиреа руската и кинеската национална химна, пренесува Риа Новости.
На полетувањето на авионот присуствуваа високи руски претставници.
За време на оваа посета, Си Џинпинг и Путин го пофалија влегувањето на нивните „посебни“ односи во „нова ера“ наспроти Западот.
Рускиот претседател претпазливо го поддржа кинескиот план за решавање на конфликтот во Украина додека го обвини Киев дека го отфрла.
Во отсуство на напредок во однос на Украина, целта на самитот беше, пред сè, да се демонстрираат силните односи меѓу Русија и Кина во време на зголемени тензии меѓу двете земји и Западот.
Во заедничката декларација, двајцата водачи го нападнаа Западот, ги обвинија САД дека ја „поткопуваат“ меѓународната безбедност за да ја зачуваат својата „воена предност“ и изразија загриженост поради зголеменото присуство на НАТО во Азија.
Пристигнувањето на Си во Москва претставува важна поддршка за шефот на руската држава, против кого Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење минатата недела под обвинение за воени злосторства извршени во Украина.
Кинескиот претседател беше во Москва во време кога Русија во голема мера ја преориентира својата економија кон Кина, а Западот и воведе санкции.
Путин вчера објави дека е постигнат договор со Си за големиот проект за гасоводот Power of Siberia Two, кој ќе и овозможи на Русија да ѝ снабдува на Кина дополнителни 50 милијарди кубни метри гас годишно.
Путин може да смета на поддршката на Пекинг за да ја пробие изолацијата што му ја наметна Западот од почетокот на конфликтот во Украина, како што е илустрирано со поканата на Си да го посети во Кина оваа година.