Кинескиот извоз нагло се забрза во декември, а во текот на 2024 година, испораките на индустриски роботи и 3Д печатачи скокнаа особено силно, покажаа податоците на царината.
Извозот изразен во долари е зголемен за 10,7 отсто во декември во однос на истиот месец во 2023 година.
Во ноември е зголемен за 6,7 отсто. Увозот се зголеми за еден процент, најсилен од јули.
Во последниот месец од минатата година, Кина забележа суфицит во трговската размена со светот од 104,8 милијарди долари, за 7,6 отсто повеќе отколку во декември 2023 година.
Суфицитот во трговијата со САД се зголеми за 12,4 отсто, на 33,5 милијарди долари.
Брзиот раст
Во цела минатата година, извозот изразен во јуани се зголеми за 7,1 отсто, на 25,45 билиони јуани, наведува Глобал тајмс податоци од царинската управа.
Увозот се зголеми за само 2,3 отсто, на 18,39 трилиони јуани.
Вкупната вредност на кинеската трговија со светот се зголеми за пет отсто минатата година на 43,85 билиони јуани (5,98 трилиони долари), достигнувајќи ново највисоко ниво откако царинската управа почна да објавува податоци.
Зголемувањето на трговската вредност во 2024 година, од 2,1 трилиони јуани, одговара на годишниот обем на трговска размена на една средна економија, рече на прес-конференција Ванг Линџун, заменик-шеф на царинската управа.
Извозот на електрични возила скокнал за 13,1 отсто, а на 3Д принтери за 32,8 отсто, покажуваат податоците на царината. Испораките на индустриски роботи пораснаа уште посилно, за 45,2 отсто.
Онлајн извозот и увозот достигна вредност од 2,63 трилиони јуани минатата година, што е зголемување за еден трилион јуани во споредба со 2020 година.
Испораките на домашни брендови учествуваат со 21,8 отсто во извозот, за 0,8 процентни поени повеќе од 2023 година, покажуваат податоците на царината.
Вредноста на трговијата со земјите партнери во иницијативата „Појас и пат“ се зголеми за 6,4 отсто минатата година и за прв пат надмина половина од вкупната трговска вредност, рече Ванг.
Зголемена трговија со САД
Вредноста на трговската размена со САД се зголеми за 4,9 отсто, одржувајќи го чекорот со стапката на раст на вкупната трговија со стоки, истакна претставник на царинската управа.
„Кина увезуваше земјоделски производи, енергија, лекови и авиони од САД, а извезуваше облека, електроника за широка потрошувачка и домашни апарати во САД, што покажува взаемна корист и добивка“, нагласи Ванг.
Најголемиот светски увозник на земјоделски производи увезе рекордно количество соја од САД минатата година, во очекување на зголемени трговски тензии по влегувањето на Доналд Трамп во Белата куќа.
Кинескиот пазар на стоки за широка потрошувачка бележи „стабилен“ раст, поттикнат од увозот на основни производи за широка потрошувачка, додаде портпаролот на царината, Лу Далианг.
Во декември, вредноста на увозот на стоки за широка потрошувачка достигна 167,8 милијарди јуани, што е највисоко ниво во речиси две години, рече тој.
Обемот за зголемување на увозот е „огромен“, додаде Лу.