Во градот Санбао во Ксинџијанг во северозападна Кина во неделата е забележана рекордна висока температура од 52,2 степени целзиусови, јавија кинеските медиуми.
Според извештаите, се очекува рекордната жештина да трае уште најмалку пет дена.
Претходниот рекорд во Кина од 50,3 степени целзиусови беше измерен во 2015 година во близина на Идинг во Ксинџијанг, во вдлабнатина над 150 метри под нивото на морето, пренесува Ројтерс.
Земјите низ Азија беа погодени од неколку рекордни топлотни бранови од април.
Во Кина рекордно високите температури предизвикаа проблеми со снабдувањето со електрична енергија и земјоделските култури, а се стравува и од повторување на минатогодишната суша, најлоша во последните 60 години.
Во Кина, на 22 јануари, температурите во Мохе, град на североисток, се спуштија на минус 53 степени целзиусови, што е рекорд за најниска температура во земјата.
САД и Кина оваа недела во Пекинг одржуваат разговори на нивните претставници за климата за борбата против глобалното затоплување.
Целата северна хемисфера моментално се бори со екстремни температури.
Нови, рекордно високи температури и нов топлотен бран се предвидуваат за поголемиот дел од Европа оваа недела, при што официјалните лица нашироко издадоа медицински предупредувања кои ги повикуваат луѓето да не излегуваат надвор освен ако е апсолутно неопходно.
Во Италија од вчера е во сила црвен метео аларм во 16 градови поради многу високите температури, додека метеоролозите предупредуваат дека температурите ќе достигнат рекордни нивоа низ јужна Европа во наредните денови.
Според нив, највисоката забележана температура во Европа од 48,8 степени целзиусови, регистрирана на Сицилија пред две години, сега би можела да биде надмината во наредните денови, особено на италијанскиот остров Сардинија.
На шпанскиот остров Ла Парма, кој припаѓа на Канарските острови, властите евакуираа 4.000 луѓе поради шумски пожар предизвикан од високите температури.
Министерот за туризам Хектор Гомез изјави дека се ангажирани повеќе од 300 пожарникари, а за гаснење на пожарот се употребени девет хеликоптери и два авиони, пренесува АП.
Се очекува допрва да се уриваат топлинските рекорди бидејќи новиот антициклон Харон, кој вчера пристигна во јужна Европа од северна Африка, може да донесе температури над 45 Целзиусови степени во некои делови на Италија на почетокот на оваа недела.
🌡️ Dangerous levels of heat are affecting parts of North America, Asia and southern Europe
📈 China provisionally recorded it’s highest temperature on record on Sunday and some Mediterranean countries will challenge their respective records this week pic.twitter.com/zuD4rFEgng
— Met Office (@metoffice) July 16, 2023