Министерот за надворешни работи ги повика Украина и Русија преку преговори да најдат решение за нивниот конфликт.
Во вторникот, кинескиот државен советник и министер за надворешни работи, Ванг Ји, ги повика Украина и Русија да најдат решение за сегашниот конфликт преку преговори, велејќи дека Кина ги поддржува сите конструктивни меѓународни напори што водат до политичко решение, пренесува кинеското радио Интернационал.
Ванг тоа го изјавил за време на телефонскиот разговор со неговиот украински колега Дмитриј Кулеба.
Истакнувајќи дека ситуацијата во Украина брзо се променила, Ванг рече дека кинеската страна жали за избувнувањето на конфликтот меѓу Украина и Русија и дека е крајно загрижена за штетата што ја претрпеле цивилите.
Основната позиција на Кина за Украина е отворена, транспарентна и конзистентна, изјави кинескиот министер за надворешни работи, додавајќи дека Кина секогаш се залагала за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји.
„Кина верува дека безбедноста на една земја не треба да биде на штета на безбедноста на другите земји, а уште помалку дека регионалната безбедност е загарантирана со зајакнување или дури и проширување на воените блокови“, нагласи Ванг.
Како одговор на засилените борби, кинескиот министер за надворешни работи му рекол на својот украински колега дека е императив да се олесни ситуацијата на теренот и да се избегне ескалација или дури и губење на контролата врз конфликтот.
Тој додал дека е особено важно да се спречи штета на цивилите и појава на хуманитарна криза.
„Треба да се обезбеди навремен пристап до хуманитарна помош“, рече Ванг.
Ванг изрази надеж дека Украина ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ја обезбеди безбедноста на кинеските граѓани во земјата и ќе продолжи да обезбедува заштита и капацитети за евакуација на кинеските граѓани.