Повеќе од 1.500 луѓе се евакуирани поради шумски пожари во југозападна Кина, додека мерката за намалување на потрошувачката на електрична енергија е продолжена бидејќи неколку недели рекордни горештини и суша го погодија регионот.
Некои трговски центри во градот Чонгкинг го ограничија работното време од 16 до 21 часот за да ја намалат потрошувачката на електрична енергија, соопшти државната телевизија CCTV.
Топлината предизвика сушење на посевите, додека нивото на водата на реките, вклучително и џиновската Јангце, се намали, што го отежна речниот сообраќај и снабдувањето со електрична енергија од хидроцентралите.
Државните медиуми објавија дека владата ќе се обиде да ја заштити есенската жетва на жито со фрлање хемикалии во облаците за да се обиде да предизвика дожд.
Големите пожари на рабовите на регионот Чонгкинг, кој се граничи со Сечуан, се најновото зло како резултат на жештините и сушата.
Повеќе од 1.500 жители се преместени во засолништа, додека околу 5.000 цивилни и воени лица се мобилизирани да го изгаснат пожарот, објави денеска официјалната новинска агенција Ксинхуа.
Сè уште нема пријавени смртни случаи како резултат на топлотниот бран, соопшти Ксинхуа, иако тоа не може да биде независно потврдено.
Кинеската влада наведува дека ова лето е најжешко со температури кои надминуваат 40 степени Целзиусови и најсуво откако земјата почна да води евиденција за температурата и врнежите во 1961 година.