Народна Република Кина денес ги повика Соединетите Американски Држави да не ги користат другите земји како изговор за остварување на сопствените интереси, по изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека Гренланд е „неопходен“ за неговата земја.
„Арктикот се однесува на целокупните интереси на меѓународната заедница“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на прес-конференција, објави Ројтерс.
Мао изјави дека активностите на Кина во арктичкиот регион се насочени кон промовирање на мирот, стабилноста и одржливиот развој, почитувајќи ги правата и слободите на сите земји да работат законски на Арктикот.
Таа, исто така, истакна дека Кина повикува на целосно почитување на меѓународното право во заштитата на суверенитетот и безбедноста на сите земји и изрази надеж дека народот и владата на Иран ќе ги надминат моменталните тешкотии во таа земја и ќе ја зачуваат стабилноста, пренесува Танјуг.
Таа нагласи дека Кина се спротивставува на употребата на сила или заканата со сила во меѓународните односи.
„Ние постојано се спротивставуваме на мешањето во внатрешните работи на други земји и се залагаме суверенитетот и безбедноста на сите земји да бидат целосно заштитени со меѓународното право“, заклучи Мао Нинг.

