Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји денеска го обвини официјален Вашингтон дека се обидува да создаде азиска верзија на НАТО, односно американско-европскиот воен сојуз и истовремено ја повика администрацијата на Џо Бајден да ги подобри односите со Северна Кореја.
„Американската политика кон Источна Азија и Индискиот Океан и напорите за зајакнување на воените врски со Јапонија, Австралија и Индија се катастрофа што го нарушува регионалниот мир и стабилност“, рече Ванг Ји на прес-конференција.
Тој рече дека САД играат геополитички игри под изговор дека промовираат регионална соработка, што, како што тврди, е спротивно на регионалните желби за соработка и е осудено да нема иднина.
Ванг исто така рече дека Вашингтон собира и организира сојузници со цел да ја потисне Кина.
Вистинската цел на индо-пацифичката стратегија е да се создаде индо-пацифичка верзија на НАТО, рече кинескиот дипломат.
Ванг ја повика администрацијата на Бајден да го оживее духот на договорите од 1970 година кои придонесоа за воспоставување односи на САД со комунистичката влада во Пекинг, велејќи дека Вашингтон треба да се врати на вистинскиот пат на рационалност и прагматизам.
Кинескиот дипломат ги повика и САД да преземат иницијатива за подобрување на односите со Северна Кореја и ја обвини администрацијата на Бајден дека не одговорила на, како што рече, позитивните мерки на владата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун за промовирање на дијалогот.