Кина денеска повика на разговори кои ќе ја решат кризата во Украина, без директно да го спомене и критикува воениот напад на Русија, со обвинувања дека Вашингтон и неговите сојузници ја влошиле ситуацијата, пренесува АП.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи Хуа Чунјинг изјави за новинарите дека „прашањето за Украина е сложено со нејзината историска позадина“ и дека она што се случува денес е „последица на неколку сложени фактори“.
„Кина внимателно ги следи најновите случувања. Сѐ уште се надеваме дека заинтересираните страни нема да ја затворат вратата на мирот и дека наместо тоа ќе се вклучат во дијалог и консултации и ќе спречат понатамошна ескалација на ситуацијата“, нагласи кинескиот претставник.
Хуа изјави денеска дека Пекинг „ги повикува страните да ги почитуваат легитимните безбедносни грижи на другите“, според АП.
„Сите страни треба да работат за мир наместо да ги ескалираат тензиите или да ја поттикнуваат можноста за војна. Оние партии кои беа зафатени со судење на другите, што направија со тоа? Дали ги убедија другите? “, рече Хуа.
Портпаролката не ги опиша руските акции како инвазија, ниту директно укажа на движењето на руските сили во Украина, додека претходно кинеската амбасада во Киев ги предупреди своите граѓани да останат дома и да го стават кинеското знаме во или на нивните возила доколку треба да патуваат на долги растојанија, наведува АП.

