Кина ќе воведе извозни дозволи за група метални производи кои се користат во производството на полупроводници, објави Министерството за трговија, што ги засили тензиите во трговските односи со Вашингтон во технолошкиот сектор.
Мерките за контрола на извозот ќе стапат на сила на 1 август и ќе опфатат 14 производи од галиум и германиум, објави Пекинг, оправдувајќи го потегот со заштита на националната безбедност и интереси.
Списокот вклучува соединенија што се користат во производството на полупроводнички диоди, транзистори и интегрирани кола, пишува Хрватската енциклопедија.
Германиумот сè уште се користи во инфрацрвената технологија, оптичките кабли и соларните ќелии.
Производителите ќе треба да добијат дозволи за извоз, потенцираат од министерството и додаваат дека прекршувањето на одредбите предвидува казна.
Одговор на потегот на САД
Потегот на Пекинг следи по серијата мерки со кои САД го ограничија извозот на софистицирани чипови во Кина, наведувајќи ја и националната безбедност и можната двојна употреба, која ја вклучува и војската.
Паралелно со Холандија и Јапонија, САД ги здружија силите за да го ограничат извозот на машини за производство на софистицирани чипови во Кина.
Така, холандската влада објави нови регулативи кои ќе бараат од производителите на софистицирани машини за чипови да добијат лиценци за извоз, без конкретно да ја спомене Кина.
„Го презедовме тој чекор во интерес на нашата национална безбедност“, изјави тогаш министерот за трговија Лиесје Шеринемахер, додавајќи дека опремата може да се користи за воени цели.