Кина ќе вложи максимални напори за враќање на мирот на палестинските територии за време на нејзиното претседавање со Советот за безбедност на Обединетите нации, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи.
Портпаролот на министерството, Ванг Венбин, на редовната прес-конференција во Пекинг рече дека Кина ќе направи се за да го охрабри Комитетот да ги исполни своите одговорности и да преземе, како што рече, одговорни и значајни активности што е можно поскоро за да се олесни моменталната криза во Појасот Газа и да се врати мирот, објави Ројтерс.
Конфликтот на Блискиот Исток е на врвот на агендата на Светскиот совет во ноември, изјави постојаниот претставник на Кина во ОН Џанг Јун, пренесоа кинеските државни медиуми.
Џанг нагласи дека е неопходно да се запрат борбите, да се спречат дополнителни цивилни жртви, хуманитарна катастрофа од поголеми размери, како и ширење на конфликтот во регионот.
Кина минатата недела го презеде ротирачкото претседателство со Советот за безбедност на ОН.
Претседателството со Советот за безбедност на ОН ротира меѓу 15-те членки на Советот на месечно ниво, а Кина последен пат претседаваше во август 2022 година, пренесува Танјуг.