На 3 септември, Кина ќе одржи воена парада на плоштадот Тјенанмен во Пекинг, по повод 80-годишнината од победата во Војната на отпорот на кинескиот народ против јапонските напади и во Втората светска војна, објавија денес кинеските медиуми.
Кинескиот претседател Си Џинпинг, кој е и генерален секретар на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина и претседател на Централната воена комисија, ќе ги прегледа војниците за време на парадата, а исто така ќе одржи и говор на настанот, објави Синхуа.
Воената парада ќе вклучува марширачки формации, оклопни колони и воздушни ешалони, прикажувајќи ги и традиционалните борбени сили и новите, напредни борбени способности.
Ќе биде прикажана домашно произведена опрема што моментално е во употреба, вклучувајќи ја и најновата генерација конвенционално оружје, но и борбени способности од нов тип, како што се беспилотни системи, подводни борбени единици, сајбер и електронски сили, како и хиперсонично оружје, пренесува Танјуг.
Според Ву Зеке, висок офицер на Здружениот штаб на Централната воена комисија, парадата ќе ја демонстрира силната способност на кинеската војска да се прилагоди на технолошките трендови и методите на војување во развој, како и да биде подготвена за победа во идните конфликти.