Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска испрати телеграма со сочувство до неговиот американски колега Џозеф Бајден по смртта на поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
„Кисинџер беше драг, стар пријател на кинескиот народ и ќе биде запаметен по неговата искрена посветеност на кинеско-американските односи“, изјави портпаролот на кинеското министерство Ванг Венбин, пренесе Ројтерс.
По повод смртта на Кисинџер, кој почина во средата на 101-годишна возраст, зборуваше и кинескиот амбасадор во Вашингтон, Ксија Фенг.
„Ова е голема загуба и за нашите земји и за светот. Кисинџер секогаш ќе живее во срцата на кинескиот народ како најценетиот стар пријател“, рече Ши на платформата Икс (Твитер).
Кинеските државни медиуми објавија дека Кисинџер ја посетил Кина повеќе од 100 пати по тајното патување во Пекинг во 1971 година, кое го отворило патот за обновување на официјалните врски, според Блумберг.
Поранешниот американски дипломат се сретна со кинескиот лидер Си Џинпинг во јули, додека Пекинг се сврте кон познати лица за да најде заеднички јазик додека односите со САД се влошија.
Така, во јули Кисинџер се сретна со поранешниот министер за одбрана Ли Шангфу, кој претходно одби да се сретне со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во Сингапур.
Кисинџер потоа му рекол на Ли дека „ниту Америка, ниту Кина не можат да си дозволат меѓусебно да се преувеличуваат како непријатели“.