„Ким Џонг Ун нема да преговара за денуклеаризација со Америка“

Сподели со своите пријатели

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун нема да преговара за денуклеаризација со Соединетите Американски Држави, бидејќи сега има помоќно оружје и поддршка од Русија, изјави поранешниот американски претставник за политиката на Северна Кореја, Џозеф Јун.

Loading...

Тој ги нарече „невозможни“ преговорите за денуклеаризација, оценувајќи дека какви било разговори во таа насока се беспредметни, пренесе Јонхап.

Џун, кој служеше како специјален претставник за политиката на Северна Кореја во првиот мандат на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, ги даде коментарите за време на симпозиумот на Универзитетот во Кореја, на кој се дискутираше за глобалниот поредок во светлината на реизборната победа на Трамп.

Враќањето на Трамп во Белата куќа ги поттикна шпекулациите за можното продолжување на неговите преговори со Ким Џонг Ун, по двата самити што се одржаа во Сингапур и Виетнам.

Сепак, од последниот самит во Ханој во 2019 година, кога не беше постигнат договор, немаше разговори меѓу Вашингтон и Пјонгјанг, ниту за време на администрацијата на актуелниот претседател Џозеф Бајден.

„Без никаков договор, Северна Кореја стана закана. Нивното оружје е помоќно“, рече Јун, нагласувајќи дека Северна Кореја повеќе не е изолирана „парија“ благодарение на „најсилната можна поддршка“ од Русија.

Според него, „нема шанси“ Северна Кореја да иницира какви било преговори за кои однапред би била потребна целосна денуклеаризација, пренесува Танјуг.