Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека е подготвен да ги обнови контактите со Соединетите Американски Држави (САД) ако се откажат од барањето Пјонгјанг да се откаже од својата нуклеарна програма, објавија денес севернокорејските медиуми.
„Ако САД се откажат од својата заблудна опсесија со денуклеаризацијата и, препознавајќи ја реалноста, навистина сакаат мирно да коегзистираат со нас, тогаш нема причина зошто не можеме да седиме спроти нив“, рече Ким, според државната новинска агенција KCNA.
„Јас лично имам убави спомени од сегашниот американски претседател Доналд Трамп“, додаде Ким во говорот пред севернокорејскиот парламент за време на викендот.
Северна Кореја спроведе шест нуклеарни тестови помеѓу 2006 и 2017 година и оттогаш продолжи да го развива својот арсенал и покрај тешките меѓународни санкции.
Пјонгјанг ја оправдува својата воена нуклеарна програма со заканите со кои тврди дека се соочува од САД и нивните сојузници, вклучително и Јужна Кореја.
Во јануари, Ким Џонг Ун изјави дека оваа програма ќе продолжи „на неодредено време“.
Според KCNA, Ким Џонг Ун рекол дека санкциите против неговата земја не функционирале.
Напротив, тие ѝ помогнале на Северна Кореја „да стане посилна, да развие издржливост и отпорност што не можат да бидат скршени од никаков притисок“, рече тој.
Доналд Трамп, кој одржа серија средби со Ким за време на неговиот прв мандат, покажа подготвеност откако се врати на власт во јануари да го обнови контактот со севернокорејскиот лидер, кого го опиша како „паметен човек“.
Трамп и Ким првпат се сретнаа на самит во Сингапур во јуни 2018 година, вториот пат во Виетнам во февруари 2019 година, а последниот пат на меѓукорејската граница во јуни 2019 година.
Сепак, САД никогаш не биле во можност да извлечат ниту една отстапка од Пјонгјанг во врска со напуштањето на своето нуклеарно оружје.
„Светот веќе многу добро знае што прави САД откако ќе принуди една земја да се откаже од своето нуклеарно оружје и да се разоружа“, изјави Ким пред парламентот, очигледно мислејќи на либискиот лидер Моамер Гадафи, кој беше убиен во 2011 година за време на интервенцијата на НАТО против неговата земја.
Иако изрази отвореност за продолжување на дијалогот со САД, Ким рече дека „нема причина да се седне на преговарачка маса со Јужна Кореја“, и покрај тоа што новиот јужнокорејски претседател Ли Џе-мјунг се обидува да ги намали тензиите со Северот.
„Јасно изјавуваме дека нема да се справуваме со нив на никаков начин“, рече Ким Џонг Ун.
Односите Север-Југ нагло се влошија под водство на поранешниот конзервативен јужнокорејски претседател Џун Сук-џеол (2022-2024), кој зазеде тврд став против Пјонгјанг.
Северот оттогаш официјално се откажа од какви било планови за повторно обединување, дури и ги динамитизираше старите меѓукорејски патишта и железници изградени за време на фазата на нормализација на односите во претходните децении.