Казна од 750 евра за КК Куманово, директорот Давидовиќ на Дисциплинска комисија

Сподели со своите пријатели

Управата на Кошаркарскиот клуб Куманово ќе мора да плати 44 илјади денари, поради како што велат од МКФ, пропустите направени при организацијата на мечот против МЗТ кој се играше во среда на домашен терен, кога со 10 поени разлика домаќините го совладаа шампионот во заминување.

Воедно како врв на казната, спортскиот директот Младен Давидович е предаден на Дисциплинска комисија, поради „погребот“ кој навивачката група Кумани го организираше за поранешниот играч, а сега актуелен во редовите на МЗТ, Урош Луковиќ.

Го разбирам и бесот на нашите навивачи кои ни даваат огромна подршка на секој натпревар и се наш шести играч, но не се согласувам со симболиката на кореографијата која му нанесе огромна штета на нашиот клуб, но и на мене лично. Се надевам дека сите љубители на кошарката и ние како претставници на клубот ќе извлечеме поука и нема да дозволиме да се случуваат вакви ситуации во иднина – вели Давидовиќ.

Давидовиќ „настрада“ според одредбата од Пропозициите за натпреварување каде што е назначено дека службениот претставник е одговорен за организациските работи, кои , според делегатот, биле далеку под потребното ниво за едно прволигашко дерби. Официјалниот претставник на МКФ на оваа средба во извештајот го потенцирал „крајно нехуманиот однос на домашните навивачи кон гостинскиот играч Урош Луковиќ и тоа со морбидна кореографија (палење на свеќи, истакнувајќи венец и негова слика)“. Поради ова, Давидовиќ, а со тоа и самиот клуб Куманово се соочуваат со дополнителна казна, која сигурно ќе биде парична со многу нули, но и која би можела да вклучи и играње пред празни трибини на еден или повеќе натпревари.

Loading...

Финансискиот дел од казната се однесува на фрлање тврди предмети, плукање службени лица, палење факел во салата и истакнување пароли со неспортска содржина, четири точки кои комесарот Тони Угринов ги санкционирал со по 10.000 денари. Преостанатиот дел од 4.000 денари е поради фрлање меки предмети на теренот.