Поради дебелиот слој пепел што го испушта вулканот Етна, а кој се насобрал на улиците и покривите на куќите во Катанија и околните места во текот на ноќта, локалните власти го предупредија населението да биде претпазливо, бидејќи улиците се лизгави и опасно е да се движат и со автомобил и пеш, јавува агенцијата Аги.
Вечерва вулканот исфрли лава во височина до илјада метри, а чадот и вулканскиот материјал се искачија во атмосферата на висина од 6,5 километри.
Цивилната заштита на Катанија, главниот град на регионот-остров Сицилија, ги повика граѓаните да не ги напуштаат своите куќи или да носат заштитни маски доколку се надвор, бидејќи пепелта што произлегува од последната вулканска ерупција е штетна за органите за дишење .
Поради пепелта, аеродромот во близина на градот Катанија беше затворен за кратко време.
Етна е најголемиот активен вулкан во Европа. Оваа ерупција следеше само 48 часа по последната.

