Карате клубот „Ронин Доџо“ освои вкупно 13 медали – 2 златни, 4 сребрени и 7 бронзени – на Ипон купот што се одржа викендов во Лесковац, Република Србија.
Со златни медали се закитија Дамјан Стојановски во категоријата помлади кадети (2012/2013) и пионерскиот ката-тим составен од Лука, Јан и Адријан.

Сребро освоија пионерите Марко Крстевски, Јаков Илиев, Емил Миленковски и Алексеј Милановски.
Бронзени медали им припаднаа на пионерскиот ката-тим во состав Емил, Марко и Јаков, како и на натпреварувачите Јан Илиев, Касија Милановска, Адријан Таневски, Лука Петрушевски и Кирил Младеновски во категоријата кадети.

Единствениот претставник во борби беше токму Кирил Младеновски, кој со исклучително добар настап се закити со бронза.
„Настапите беа многу задоволителни, скоро без грешка, но сепак судиите го имаа последниот збор. Како тренер сум задоволен и имам во предвид на што треба да се обрне посебно внимание во идните подготовки и натпревари“, изјави тренерот на клубот Оливер Милорадовски.

„Ронин Доџо“ настапи со 11 натпреварувачи, еден тренер, двајца асистенти-тренери и судијата Милица Милановска, која на овој турнир го имаше своето судиско деби.
Турнирот се одвиваше во конкуренција од околу 400 натпреварувачи со вкупно 700 натпреварувачки настапи, а учество земаа клубови од Србија, Македонија и Бугарија.
Никола Ивановски

