Раперот и сопруг на ријалити ѕвездата Ким Кардашијан, Канје Вест, официјално стана милијардер, според списанието Форбс.
Форбс проценува дека вкупното богатство на Вест е 1,3 милијарди американски долари, што го заработил од продажба на неговиот бренд патики во соработка со компанијата „Адидас“, кои се меѓу најпродаваните патики во светот и покрај нивната цена дури од 200 американски долари.
Музиката на Вест претставува релативно мал дел од вкупното богатство, иако е еден од најпродаваните уметници во последните 20 години.
Неговата музичка куќа „GOOD Music“ Форбс ја процени на вредност од најмалку 90 милиони долари.
Најголем дел од финансиската вредност на раперот е во имотот – 81 милиони долари недвижен имот и 21 милиони долари земја.
Уметникот има 17 милиони долари во готовина и 35 милиони долари акции.
Раперот последниве години се најде на насловните страници заради различните ексцеси, кои вклучуваат многу јавна поддршка за американскиот претседател Доналд Трамп, кој не е омилена политичка фигура меѓу Афроамериканците.
Вест е вториот американски рапер што излезе на овој престижен список, а неговиот колега Џеј Зи е првиот.