Општина Куманово годинава ќе гради канализациска мрежа во населбата „Иго Тричковиќ“, соопштија денеска надлежните од Јавното претпријатие „Водовод“.
Основниот проект, проект за линиска инфраструктура, геодетски елаборат и елаборат за влијание врз животна средина ги изработил ЈП „Водовод“. Предвидена е изградба,на канализациска мрежа од 2.367 метри, ќе бидат поставени цевки со ф 300 и бидат опфатени повеќе од 1.000 домаќинства од кои дел веќе се приклучени на водоводна мрежа.
– Проблем со фекална канализација во населба „Иго Тричковиќ“ е долгогодишен, започнато е со изградба од страна на приватна компанија пред повеќе години, но е прекината. Целата инвестиција е во вредност од 16.559.040,00 денари. За отпочнување на работи се чека да ја добиеме потребната механизација која ќе ја обезбеди општина Куманово преку Светска банка, за што веќе е распишана тендерска документација, по претходно одржана јавна расправа и добиена согласност од Советот на општина Куманово-изјави директорот на ЈП „Водовод“, Горан Стојковски.
Изградба на фекална канализација е предвидена во програма за работа на општина Куманово, а изведувач на работи ќе биде ЈП Водовод. Со изградба на оваа фекална канализација, сметаат надлежните се заокружува процесот на изградба на мрежа во овој дел од општина Куманово, бидејќи веќе се во тек работите за завршниот дел од фекална канализација во село Тромеѓа, со што ќе се реши долгогодишен проблем на жителите на овие населени места.
фото: архива