Канадска компанија пронајде злато во Босна и Херцеговина

Сподели со своите пријатели

Канадската компанија „Тера Балканика Рисорсис“ пронајде „ветувачки“ количини злато и сребро во источна Босна, што отвора перспективи за понатамошно истражување и развој на скапоцени метали, објави компанијата, која спроведува истражувања во Босна и Херцеговина од 2017 година.

На локацијата Брежани во општина Соколац, дупчењето откри 0,43 грама злато во еден тон почва на длабочина од само 12 метри под површината.

Како што објави „Тера Балканика Рисорсис“, овие наоди го прошируваат познатото наоѓалиште на злато за дополнителни 170 метри и покажуваат дека областа има голем потенцијал.

Покрај тоа, истражувањата открија и високи концентрации на сребро, а резултатите покажуваат до 60 грама на тон почва на поголема длабочина.

На локацијата Чумавичим се пронајдени многу поголеми количини со 186 грама сребро на длабочина од 58 метри, што потврдува дека локацијата има и висок потенцијал за идни истражувања, се објаснува во известувањето.

Од 2017 година, компанијата „Тера Балканика Рисорсис“ спроведува истражувања на неколку локации во источна Босна.

Областа е геолошки интересна поради магматските и хидротермалните процеси што создале услови за таложење на скапоцени метали.

Компанијата спроведува слични истражувања во Канада и Србија.