Холандската Агенција за безбедност на храна и производи за широка потрошувачка (NVWA) објави дека канабис е пронајден во килограмски кесички бомбони на „Харибо“ „Happy Cola F!ZZ“, поради што производот е повлечен од продажба низ целата земја.
Откритието следеше по извештаите дека неколку членови на едно семејство се разболеле откако го изеле производот, објави денес „NL Times“.
Контаминацијата била откриена откако семејството ги пријавило симптомите во полиција, што ја натерало NVWA да земе примероци од бомбоните, кои биле позитивни на тестот за канабис.
Точната причина за контаминацијата со канабис останува непозната, а истрагата за овој инцидент е во тек.
– Ситуацијата оди подалеку од едноставни здравствени проблеми. Веднаш контактиравме со компанијата Харибо, која издаде предупредување за безбедност – изјави портпаролот на NVWA за „Харт ван Недерланд“.
Досега се идентификувани само три кесички бомбони контаминирани со канабис, но Харибо ја повлекува целата серија како мерка на претпазливост.
Харибо ги предупреди потрошувачите да не ги земаат кесичките од 1.000 грама „Happy Cola F!ZZ“ со код на производ L341-4002307906 и рок на траење јануари 2026 година.
Компанијата ги повика клиентите да ги испратат производите директно до Харибо за враќање на парите, наместо да го враќаат производот во продавниците.