Француските и другите странски камионџии ќе можат повторно да влезат во Франција од британска страна, под услов да имаат негативен тест за присуство на коронавирусот, не постар од 72 часа, соопшти француското Министерство за транспорт.
Во соопштението се наведува дека е договорено британските власти да обезбедат капацитети за тестирање на возачите, за да можат побрзо да дојдат до резултатот, пренесуваат британските медиуми.
Во случај да се позитивни, возачите ќе мора да останат во изолација во Велика Британија 10 дена.
Претходно, канцеларијата на францускиот премиер Жан Кастекс соопшти дека француските и државјаните на ЕУ од полоноќ повторно ќе можат да влезат во Франција од Велика Британија, под услов да имаат негативен тест за коронавирусот, не постар од 72 часа.
Во соопштението се додава дека британските и државјаните на трети земји кои престојуваат во Франција или ЕУ, исто така, можат да влезат во Франција доколку се во транзит, но, исто така, и на нив им треба негативен тест за Ковид-19.
Повеќето земји во светот во последните три дена ги затворија своите граници со Обединетото Кралство, откако во Лондон и јужниот дел на Англија беше откриен нов, многу позаразен вид на коронавирус.
Сашко Димевски