Цените на нафтата на светските берзи минатата недела паднаа за повеќе од 3,5 отсто, што берзанските аналитичари го гледаат како последица на зголемувањето на каматните стапки поради високата инфлација и оценуваат дека ваквата политика на централните банки може дополнително да го забави растот на економијата и со тоа да се намали побарувачката на нафта.
Барелот на лондонскиот пазар поевтини за 3,6 отсто – на 73,85 долари, а на американскиот пазар нафтата е уште поевтина – за 3,7 отсто, односно на 69,16 долари за барел.
Шефот на американската централна банка Џером Пауел најави зголемување на каматните стапки за да се потисне инфлацијата, а цената на парите ја зголемуваат и централните банки на многу други западни земји.
Британската и норвешката централна банка ги зголемија каматните стапки за по 0,50 процентни поени.
И швајцарската централна банка ги зголеми каматите, а економските експерти предвидуваат дополнително зголемување на каматите во еврозоната.
Тоа дополнително би можело да го забави растот на економијата, што последователно би се одразило на падот на побарувачката на нафта и можно ново намалување на цената на светските берзи.