Калифорнија стана првата американска држава која во средата воведе задолжителна вакцинација или редовно тестирање за КОВИД-19 врз сите наставници и училишниот персонал, потег што гувернерот Гевин Њусом го нарече „одговорна мерка“ за заштита на децата.
Обврската за вакцинација беше воведена во Калифорнија, откако беа воведени слични мерки за владините вработени и здравствените работници во таа федерална држава.
„Веруваме дека ова е одржлив начин да ги држиме нашите училишта отворени и на тој начин да одговориме на најголемите грижи на родителите кои, како и јас, имаат мали деца“, рече Њусом, чија одлука беше поддржана од синдикатите на вработените во училиштето.
Водени од делта сојот на корона вирусот, бројот на нови инфекции во САД достигна највисоко ниво за шест месеци оваа недела.
Новите случаи на инфекција се зголемија петкратно во последниот месец – дневниот просек на нови инфекции оваа недела беше, според пресметката на Ројтерс, 118.000.
Белата куќа неодамна објави дека околу 90 проценти од вработените во американските училишта се вакцинирани.
Американската влада и неколку федерални држави, како и бројни болници, универзитети и приватни компании, воведоа задолжителна вакцинација за сите свои вработени.
Њујорк минатата недела стана првиот голем американски град што воведе задолжителен доказ за вакцинација за прием во ресторани, спортски сали и слични установи, почнувајќи од следниот месец.