Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави дека Европската Унија ќе работи на 19-тиот пакет санкции против Русија и предупреди на опасноста од попуштање пред Москва.
„Додека Русија не се согласи на целосно и безусловно примирје, не треба ни да разгледуваме никакви отстапки“, изјави Калас во понеделник во соопштението, според Ројтерс.
Според неа, редоследот на чекорите е важен.
„Првото безусловно примирје со силен систем за следење и непоколебливи безбедносни гаранции“, рече таа и додаде дека ЕУ ќе работи на 19-тиот пакет санкции.
Калас претходно во понеделник објави дека шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ ја изразиле својата поддршка за чекорите што ги презедоа Соединетите Американски Држави што водат кон праведен мир во Украина.
Во објава на социјалната мрежа X, Калас додаде дека во меѓувреме, ЕУ ќе работи на воведување дополнителни санкции против Русија, зајакнување на воената помош за Украина, како и поддршка на буџетските потреби на Киев и процесот на приклучување кон Европската унија, пренесува Танјуг.
„Трансатлантско единство, поддршка за Украина и притисок врз Русија – ова е начинот да се заврши оваа војна и да се спречи идна руска агресија во Европа“, заклучи Калас.