Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денес изјави дека Австралија и Европската Унија потпишаа ново Партнерство за безбедност и одбрана, кое ја подигна билатералната соработка на повисоко ниво и дека земјата е една од најблиските партнери на Европа.
„Австралија е еден од најблиските партнери на Европа. Денес, со потпишувањето на ова Партнерство за безбедност и одбрана, ја подигнуваме нашата соработка на ново ниво“, рече Калас.
Таа истакна дека, иако Австралија и Европа се географски оддалечени, безбедноста на континентите е меѓусебно поврзана, беше наведено на веб-страницата на ЕУ.
„Ако Русија победи во Украина, тоа поставува опасен преседан за Индо-Пацификот.
Ѝ се заблагодарувам на Австралија за нејзината силна поддршка на Украина.
Најбрзиот начин да се стави крај на војната е поголем притисок врз Русија и поголема поддршка за Украина“, изјави таа.
Таа додаде дека растечката доминација на Кина во Индо-Пацификот бара заедничка подготовка и одбрана на интересите, вклучително и заштита на слободата на навигација во Ормутскиот теснец и Јужното Кинеско Море.
Според новиот договор, ЕУ и Австралија ќе одржат заеднички воени вежби, ќе споделуваат информации, ќе го зајакнат отпорот кон сајбер и хибридни закани и ќе ја продлабочат соработката во одговорот на кризи и поморската безбедност, пренесува Танјуг.
Калас ја нагласи посветеноста на почитувањето на меѓународното право и инвестирањето во технологии што ја обликуваат идната безбедност, од вештачка интелигенција до вселената.
„Нашето партнерство е стратешка инвестиција во безбедноста на Европа и Австралија. Во еден поопасен свет, силните партнерства се нашата најдобра одбрана“, заклучи таа.

