Околу полноќ во северните делови започна да дува засилен ветер од северен правец. Умерен до силен северен ветер, претежно вдолж пошироко Повардарие, потоа се задржа преку ноќта, а утринава ветерот е најсилен во Штип каде што дува со брзина и од над 55 км/час, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Утринава преовладува променлива зголемена облачност понекаде со слаб до умерен дожд кој на крајот од ноќта во Крива Паланка премина во снег. Појава на снег во 7 часот има во Берово и Прилеп.
Во текот на денешниот ден според синоптичарите на Управата за хидрометеоролошки работи ќе имаме облачно време со повремени врнежи претпладне кои и на некои пониски места ќе се менуваат од дожд до снег. Во западните делови ќе се формира нова снежна покривка. Повремени слаби врнежи од снег ќе има и на повисоките делови од Скопската котлина.
Во пладневните часови облачноста ќе се намали и врнежите ќе престануваат. Ќе дува засилен ветер од северен правец, најизразен вдолж Повардарието.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 9 степени.
Во Куманово и околината денеска ќе имаме претежно сончево време со мала до умерена облачност, но со значително пониски температури. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Утринската температура ќе се движи околу пет степени под нулата, додека максималната дневна се очекува да се искачи само до четвртиот степен целзиусов.
Стабилно време, но со релативно ниски температури, особено во утринските часови, се очекува да се задржи до крајот на оваа работна недела.
Никола Ивановски