Неодамнешниот упад на руски дронови во воздушниот простор на Полска го отвори прашањето за тоа точно каков вид летала користела Москва.
Според тврдењата на полските власти и воените аналитичари, станува збор за дронови од типот Гербера – понова и поедноставена руска копија на иранскиот Шахед-136, кој во руска употреба е означен и како Геран-2.
Герберата за прв пат се појави во војната минатата година и е опишана од Украина и западните извори како нискобуџетна верзија на самоубиствен дрон.
Поевтина верзија на познатиот Шахед-136
За разлика од оригиналниот Шахед, Герберата е дизајнирана со цел да се намалат трошоците и да се забрза производството.
Трупот и крилата се направени од полистирен или стиропор, пена и едноставни композити, додека комерцијално достапните електронски компоненти се користат за навигација.
Токму затоа Герберата може да се произведува побрзо и во поголем број, иако со помала прецизност и носивост од оригиналниот Шахед.
Колку чинат?
Проценките за трошоците се околу 10 илјади американски долари по парче, што е многу пати поевтино од класичните крстосувачки ракети, па дури и десет пати поевтино од подобрите варијанти на Шахеда-136.
Токму ниската цена ѝ овозможува на Русија да лансира десетици, па дури и стотици од овие дронови одеднаш, сметајќи на фактот дека некои од нив ќе ја пробијат воздушната одбрана.
Колкав е дострелот?
Гербера има помал дострел од стандардниот Шахед.
Проценките велат дека може да лета неколку стотици километри, во зависност од товарот и условите на летот.
Според украински извори, дроновите Гербера испратени во Полска биле опремени со дополнителни резервоари за гориво за да се зголеми нивниот дострел.
Тие достигнуваат максимална брзина до 160 км/ч, со можност за летање до 3000 метри височина.
Боевата глава содржи експлозиви и тежи околу 15 до 20 килограми, што е доволно за да предизвика сериозна штета на цивилната инфраструктура или логистичките цели, но не доволно за уривање на поголеми и поцврсти воени објекти.
Сепак, боевата глава не е поставена на сите Гербери, а особено не на оние што служат само како „мамки“ за воздушна одбрана.
Вооружување и начин на употреба
Герберата е еднонасочно летало – наполнето со експлозиви и програмирано да ја погоди целта.
Освен директните удари, нивната клучна улога е да ја преоптоварат противвоздушната одбрана.
Украинските офицери и западните аналитичари велат дека Герберите се лансираат во голем број, често во комбинација со други дронови или ракети, за да се потроши скапа ракетна муниција за бранителите.
Дури потоа стапуваат во акција попрецизни и моќни системи како што се крстосувачки ракети или поголеми Шахеди.
Предност во квантитет, а не во квалитет
За разлика од софистицираните борбени дронови, Герберата не е ниту прецизна ниту технолошки напредна.
Лесно се открива со радар и е релативно бавна. Но, проблемот за бранителите е што Герберата доаѓа во голем број и е евтина.
Ова ѝ дава можност на Русија постојано да врши притисок врз украинската воздушна одбрана.
Зошто е важен инцидентот во Полска?
Упадот на 19 беспилотни летала „Гербер“ во полскиот воздушен простор, од кои четири беа соборени, покажа дека Русија ја тестира и подготвеноста на НАТО со овие летала.
Иако поединечно немаат голема моќ, во комбинација со политичката порака тие претставуваат сериозен предизвик.
Полските и западните сојузници го опишаа инцидентот како намерна провокација.