Минатата недела дојде до промена во тактиката на руската армија. Во Украина се влеа напредно оружје, особено преносни противтенковски и воздушни одбранбени системи, како и мало оружје и муниција.
Ова донесе значителна промена на бојното поле, бидејќи беа уништени руски тенкови, вооружени возила, камиони за складирање и хеликоптери.
Овие напади помогнаа да се забави тековниот напредок на Русија во Украина од три правци – од север до главниот град Киев; од исток со фокус на опколените Харков и Мариупол; и од југ, каде што руските трупи го окупираа Харсон и ја преминаа реката Днепар на две места и сега напредуваат од двете страни, вршејќи притисок врз градот Николаев и украинската одбрана во близина на градот Запорожје.
Руските единици ја освоија и областа околу Мариупол, проширувајќи го коридорот што го поврзува Крим со Доњецк. Само мал дел од брегот, околу пристанишниот град Одеса, сега е под контрола на Украина.
Доаѓаат странски борци
Во Украина не пристигнува само оружје. Во земјата на сите можни начини влегуваат волонтери кои сакаат да се борат. Повеќе од 60.000 Украинци од дијаспората се вратиле во земјата и сега се борат против Русија, изјави украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников.
Доаѓаат и странски борци, водени од различни идеологии и причини, а украинските власти тврдат дека 20.000 луѓе се пријавиле да се приклучат на странската легија, формирана како одговор на руската инвазија.
Русија, исто така, најави дека ќе прими странски борци, главно Сиријци со борбено искуство, за да им помогнат на своите сили, кои досега покажаа лоша подготвеност.
Ова е едно од најголемите изненадувања на војната – тоа што руската армија, со своите нови професионални сили, едвај постигна некоја од своите стратешки цели и не успеа во однос на борбената моќ, логистиката, командата и контролата и општиот морал и фокус.
Воената комуникација беше толку лоша што руските генерали мораа да се приближат многу поблиску до првите линии за да ја контролираат ситуацијата.
Во војната досега се убиени тројца генерали, што е речиси невиден број во модерното војување.
Украинка (83) остана без својот дом при гранатирање: Зошто морам да го поминам сето ова? (ВИДЕО)
Комуникацијата се одвивала некаде во нормални цивилни мрежи, па украинската армија и разузнавачката служба можеле да ја пресретнат.
Војната се движи кон запад
Украинските воздухопловни бази на западот на земјата беа нападнати и тешко оштетени во обидите на Русија да ги онеспособи украинските воздухопловни сили, потег што можеше да се очекува уште во првите часови од инвазијата, но кој доаѓа речиси три недели подоцна.
Украинската база во Јаворив, во близина на полската граница, која се користи за обука на странски борци, беше уништена во ракетни напади, додека Русија се обидуваше да го запре протокот на луѓе и материјали преку границата.
Русија очигледно го префрли својот фокус од бојното поле на исток на релативно недопрениот запад на Украина.
Откако Кремљ се закани дека ќе ги таргетира западните пратки на оружје за Украина, НАТО предупреди дека ќе ги брани. Тоа може да го вовлече НАТО во поширок конфликт, а Русија сака да го запре протокот на оружје кон украинската армија на исток.
Тотална војна, во која би биле вклучени нуклеарни сили, е нешто што сите страни сакаат да го избегнат, бидејќи тоа би било катастрофално за Украина, Русија, Источна Европа и пошироко.
Цивилите како оружје
Руските тактики се сменија бидејќи болниците и другите цивилни објекти беа цел на воздушни и артилериски напади.
Подољак: Армијата започна офанзива против руските сили во некои области
Координатите на овие болници и се познати на руската војска, а зградите лесно се препознаваат од воздух. Еден или два напади можеби се грешка, но сè друго покажува намерна стратегија за да се направи цивилниот живот неподнослив.
Овие тактики може да се видат во Мариупол, Харков и најверојатно ќе се применуваат во Киев и Одеса додека Русија се фокусира на следната фаза од војната.
Киев и конвојот
Украинската престолнина е руска мета од почетокот на војната. Голем конвој од неколку стотици возила, тенкови, артилерија и камиони напредуваше кон Киев, за да запре на околу 25 километри од градот, во дострелот на украинската артилерија.
Таму остана речиси 10 дена. Тоа е една од најголемите мистерии. Зошто Русите напредуваа толку блиску, а потоа запреа? А зошто конвојот барем подобро не се заштити?
Има информации дека останале без гориво, дека им се дупнале гумите и слично. Сепак, има уште еден дел од мистеријата – зошто украинската артилерија не уништи барем дел од конвојот?
Најчестото објаснување е дека Украинците не сакале да доведат до ескалација на конфликтот.
Шансата да се уништи конвојот сега е пропуштена, бидејќи тој се прошири и сега е дел од обидите на Русија да го заземе градот.
Југ – Мариупол и Одеса
Руските сили постигнаа најголем успех на југ. Поголемиот дел од брегот е во руски раце.
Најтешките битки се водат во Мариупол, кој стои на патот за поврзување на Крим и Доњецк.
Како што украинските сили се задржуваат, залихите исчезнуваат, а хуманитарната ситуација се влошува. Пропаднаа обидите да се отворат коридори за цивили.
Одеса, најголемото пристаниште во Украина, сега се подготвува за руски напад. Поранешната туристичка дестинација за Русите очекува битката наскоро да пристигне во градот.
Има информации за руски сили кои доаѓаат од Крим. Русите досега избегнуваа директен напад врз градот.
Ако Одеса падне во рацете на Русија, тоа ќе биде сериозен удар за Украина, бидејќи две третини од стоката доаѓа преку пристаништето.
Руските сили напредуваат бавно, но сепак напредуваат низ целата земја. Продолжуваат опсадите на украинските градови.
Се чини дека војната нема наскоро да заврши, додека бројот на жртви расте.