Половина век владеење на семејството Асад во Сирија заврши со неверојатна брзина, откако бунтовниците започнаа офанзива од енклавата што ја контролираа и го зазедоа Дамаск за нешто помалку од две недели.
Опозициските сили влегоа во сириската престолнина и во градовите низ земјата со многу мал отпор на сириската армија.
Претседателот Башар ал Асад, кој владееше со Сирија 24 години – откако го наследи својот татко Хафез – избега од земјата, а руските медиуми објавија дека тој е во Москва, пишува АП, а пренесува Гласот на Америка.
Тоа е неверојатен пресврт на настаните во катастрофалната тринаесетгодишна граѓанска војна во Сирија.
Антивладините протести избија во 2011 година, а бруталното задушување на демонстрантите од страна на властите прерасна во граѓанска војна во која загинаа повеќе од половина милион луѓе и раселеа половина од предвоеното население на Сирија од 23 милиони.
Со поддршка на Русија и Иран, Асад постепено ја врати контролата врз повеќе од две третини од Сирија, додека на бунтовниците им остана само едно засолниште, во северозападниот дел на земјата.
Конфликтот беше замрзнат до крајот на ноември, а потоа следеа две клучни недели.
Среда, 27 ноември: Почеток на бунтовничката офанзива
Вооружените опозициски групи започнуваат голем напад врз областите контролирани од владините сили во северозападна Сирија и најавуваат дека зазеле 15 села во провинцијата Алепо.
Владата и нејзините сојузници возвраќаат со воздушни напади и гранатирање во обид да го запрат напредувањето на бунтовниците.
Офанзивата ја предводи џихадистичката група Хајат Тахрир ал Шам (ХТС). ХТС беше сириски огранок на Ал Каеда, познат како Фронт Нусра, но подоцна се огради од Ал Каеда и се претстави како поумерена група. Обединетите нации и САД ја прогласуваат ХТС како терористичка организација.
Алепо беше нападнат по неколку недели насилство на ниско ниво, вклучително и владини напади врз областите под контрола на опозицијата.
Турција, главниот поддржувач на сириските опозициски групи, вели дека бунтовниците започнале ограничена офанзива за да ги запрат нападите, но ја прошириле кога владините сили почнале да се повлекуваат.
Четврток, 28 ноември: Офанзивата се шири
Офанзивата се проширува во делови од провинцијата Идлиб, поради извештаите дека владините трупи се повлекуваат.
Петок, 29 ноември: Бунтовниците влегуваат во Алепо
Бунтовниците влегуваат во Алепо, најголемиот сириски град, за прв пат откако беа истиснати во 2016 година по воената кампања на сириските владини сили, помогнати од Русија и Иран.
Во Алепо не наидуваат на голем отпор.
Сабота, 30 ноември: Алепо паѓа под контрола на бунтовниците
Бунтовниците велат дека го контролираат Алепо, каде што го подигнале знамето и го зазеле меѓународниот аеродром.
Сириските вооружени сили тврдат дека прераспоредиле војници и опрема како подготовка за контранапад.
До вечерта, бунтовниците зазедоа уште најмалку четири града во централната провинција Хама и тврдеа дека влегле во главниот град на областа.
Недела, 1 декември: Владата возвраќа
Сириската армија започнува контранапад, со војници и воздушни напади врз Идлиб и Алепо.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи го посети Дамаск и му рече на Асад дека Техеран ќе ја поддржи контраофанзивата.
Сепак, Асад не добива голема помош од сојузниците. Русија е преокупирана со војната во Украина, а сојузниците на Иран во регионот се ослабени со редовните воздушни напади.
Хезболах во Либан, кој во еден момент испрати илјадници борци да му помогнат на Асад, е ослабен од едногодишниот конфликт со Израел.
Понеделник, 2 декември – среда, 4 декември: Борбите беснеат кај Хама
Бунтовниците се движат на југ до 10 километри од Хама, четвртиот по големина град во Сирија и клучна раскрсница во централна Сирија, на околу 200 километри од Дамаск.
Државните медиуми јавуваат дека во покраината се водат жестоки борби.
Тие тврдат и дека владините сили, поддржани од руски воздушни напади, повторно зазеле дел од територијата.
Ова го наведува набљудувачката група со седиште во Велика Британија.
Турција бара од Асад да разговара со опозицијата.
Четврток, 5 декември: Бунтовниците ја заземаат Хама
По неколкудневни борби, бунтовниците влегуваат во Хама.
Десетици борци слават и пукаат во воздух на плоштадот Аси, каде што се одржаа масовни антивладини протести во првите денови од бунтот во 2011 година.
Сириската армија соопшти дека распоредила сили на позиции надвор од градот за да ги заштити цивилите.
Петок, 6 декември: Бунтовниците напредуваат кон Хомс
Бунтовниците брзо напредуваат и заземаат два града во близина на Хомс, третиот по големина град во Сирија.
Хомс е оддалечен околу 40 километри од Хама, тој е портата за Дамаск и е седиште на една од двете државни рафинерии за нафта.
Освојувањето на Хомс ќе го отсече Дамаск, седиштето на владеењето на Асад, од крајбрежниот регион каде што тој ужива силна поддршка.
Владата ги негира информациите дека армијата се повлече од градот.
Водечки дипломати од Саудиска Арабија, Египет, Турција, Иран и Русија разговараат за Сирија во Доха, главниот град на Катар.
Сабота, 7 декември: Падот на Хомс, го ослабува владеењето на Асад
Опозициските сили го зазедоа Хомс по повлекувањето на владините сили. Бунтовниците велат дека го опколиле Дамаск и ја спроведуваат „последната фаза“ од офанзивата.
Специјалниот пратеник на ОН за Сирија повикува на итни разговори во Женева за да се обезбеди „уредна политичка транзиција“, додека сириските медиуми ги негираат тврдењата дека Асад побегнал од земјата.
Недела, 8 декември: Асад е соборен од власт
Сириската државна телевизија објави видео изјава од група мажи во која се вели дека претседателот Башар ал Асад е соборен од власт и дека сите затвореници се ослободени.
Командантот на ХТС Абу Мохамед ал Голани доаѓа во џамијата Омајад во Дамаск и падот на Асад го нарекува победа за таа „исламска земја“.
Руските власти и иранската државна телевизија известуваат дека Асад ја напуштил Сирија. Руските државни новински агенции подоцна објавија дека тој и неговото семејство се во Москва и дека добиле азил.
Премиерот Мохамад Гази Џалали вели дека сириската влада е подготвена да и „подаде рака“ на опозицијата и да и ги предаде овластувањата на преодната влада.