Соочени со зголемен број на пожари за време на викендот, од Територијалната противпожарна единица Куманово апелираат до граѓаните да бидат претпазливи и подготвени, но и да помогнат таму каде што можат, без да се доведуваат во опасност.
Борис Станковски, заменик командир на Територијалната противпожарна единица Куманово, во изјава за медиумите објасни што е најважно граѓаните да преземат за да се спречи ширење на пожарите.
– Сабота и недела имавме голем број на интервенции. Најголеми пожари ни беа кај селото Бељаковце, затоа што сабота и недела интервениравме таму. Граѓаните кои имаат таму викендици и куќи ни беа од голема помош затоа што учествуваа во гаснење на пожарите, ни помагаа и се јавуваа доколку треба и волонтерски и доброволно да пристапат кон гасењето на пожарот, да дојдат да земат опрема од Територијалната противпожарна единица. Така да ни беа од голема помош граѓаните, изјави Станковски.
Станковски упати конкретни совети до сопствениците на викендици и куќи во руралните и шумски подрачја.
– Најбитно од сè е граѓаните прво да си ги средат своите дворови, односно околу нивните викендици или куќи, да не дозволат тревата да биде многу висока. И во случај на пожар, доколку има, а во најголем број имаат земјоделска механизација – да ни помогнат со нивната механизација, затоа што со помош на механизацијата тие може да направат одредени пресеци и да не дозволат пожарот да се шири, појасни заменик командирот.
Како што посочи, добродејдено е граѓаните во такви предели да имаат при рака грбни прскалки кои се многу ефикасни во гаснењето.
– Најбитно од сè е граѓаните да имаат на своите викендици по една или по две „напртњачи“ – односно ние ги викаме „напртњачи“, може да се кажат и грбни прскалки – затоа што тие се од големо значење, бидејќи на непристапен терен кадешто не може да дојде возило на противпожарната единица, грбните прскалки ни завршуваат голема работа. И доколку немаат граѓаните грбни прскалки, ние кога одиме на интервенција имаме секогаш вишок, така да доколку тие сакаат да помогнат на пожарникарите, ние можеме да ги послужиме со нашите, додава Станковски.
Пожарникарите укажуваат и на безбедноста при интервенции, особено на места каде има густ чад.
– Нашата препорака е граѓаните каде што има многу чад, да не влегуваат, затоа што може да дојде до загушување, или доколку се во можност, да носат соодветни маски или некои топли крпи или маици за покривање на дишните органи, апелира заменик командирот.
Во последните два дена, освен нискостеблеста шума и сува трева, на подрачјето на Бељаковце биле зафатени и стари куќи, но без сериозни последици, бидејќи, како што додава Станковски, биле одамна напуштени.
– Во изминатите два дена имаше, освен стрништа и шума и сува трева, имаше и стари објекти, односно стари куќи. Меѓутоа, во тие стари куќи можеме да кажеме преку 20 или триесет години не живее никој, така да немаше некоја поголема опасност, додава тој.
Од ТППЕ Куманово упатуваат благодарност до граѓаните за досегашната соработка и ги повикуваат сите да бидат внимателни, одговорни и подготвени за време на пожароопасниот летен период.
Никола Ивановски