Русија се бори против НАТО во Украина, изјави чеченскиот лидер Рамзан Кадиров.
„Ние не се бориме против Украина, туку против НАТО. НАТО ги вооружува, Западот ги вооружува, нивните платеници се тука“, рече Кадиров, пренесува РИА Новости.
„Затоа оваа борба не е лесна, но е добро искуство. Уште еднаш ќе докажеме дека Русија не може да се победи“, рече чеченскиот лидер на едукативниот маратон на руското друштво „Знаење“, каде зборуваше за војна во Украина.
Кадиров вели дека одамна ќе ја исчистеле Украина доколку Путин не наредил да се зачуваат населението и градовите.
„Доколку рускиот претседател не дадеше наредба да се зачуваат населението и градовите што е можно повеќе, ние одамна ќе ја исчистевме Украина“, рече тој.
Тој додаде дека тие се „обединети вооружени сили“ и дека „нема никакви проблеми“. Кадиров ја повтори тезата за „чистење“ на Украина, што често можеше да се слушне од Русија за време на војната.
Раководството на земјата од почетокот на инвазијата вели дека „покренало специјална воена операција“, а не инвазија, со цел „да ги заштити луѓето во Украина кои беа цел на насилство и геноцид на режимот во Киев во последните осум години.“
Затоа, како што повеќепати рекоа, почнаа со „демилитаризација и денацификација“ на Украина.