Откако ја преземаа власта во Авганистан на 15 август, неколку талибански лидери истапија во Кабул. Но, еден од нив сѐ уште е во целосна тајност: нивниот главен командант, Хаибатулах Акунџада.
Човек специјализиран за правни и верски прашања излезе од анонимност во мај 2016 година, за да го преземе раководството на тоа исламистичко движење, кое во тоа време беше погодено од внатрешни превирања.
Тој беше именуван неколку дена по смртта на неговиот претходник Мансур, кој беше убиен во напад со беспилотно летало во Пакистан. Неговата непосредна цел беше повторно обединување на Талибанците.
Тие се најдоа во жестока борба за моќ по смртта на Мансур и откритието дека смртта на основачот, Мула Омар, била скриена со години.
Објавена е само една негова фотографија
Малку е познато за секојдневната улога на Хаибатулах Акунџада, чија комуникација се сведува на ретки годишни пораки по повод исламските празници.
Некои сметаат дека неговата улога е повеќе симболична отколку оперативна.
Талибанците објавија само една негова фотографија. Тој не се појавува во јавноста и не се знае каде се наоѓа.
Како син на теолог, роден во Кандахар, лулка на Талибанците во јужен Авганистан, овој образован човек претходно имал големо влијание врз Талибанците – тој го водел нивниот правосуден систем.
Портпаролот на Талибанците: „Ќе видите наскоро“
Од кога ја преземаа власта пред две недели, 20 години откако беа соборени од коалицијата предводена од САД, Талибанците молчат за неговите активности и неодамнешните патувања.
„Ќе видите наскоро“, им рече нивниот портпарол Забихула Муџахид оваа недела пред новинарите.
Талибанците отсекогаш имале навика да го држат својот шеф во сенка. Основачот Мула Омар го водеше животот на пустиник и ретко одеше во Кабул во време кога движењето беше на власт, во 1990-тите.
Сепак, неговиот збор беше закон и никој од неговите наследници не доживеа толку почит во движењето.