Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац повика на „брза елиминација“ на новиот лидер на Хамас Јахја Синвар, кој на таа позиција го замени убиениот лидер Исмаил Ханије.
– Назначувањето на архитерористот Синвар за нов лидер на Хамас, кој ќе го замени Ханије, е уште една убедлива причина брзо да го елиминираме и да ја избришеме оваа гнасна организација од лицето на земјата – изјави Кац на мрежата Х, пренесува Тајмс оф Израел.
Командантот на Хамас во Појасот Газа, Јахја Синвар, е именуван за политички лидер на палестинската група, а израелската војска го бара од почетокот на војната во енклавата поради планирање на нападот на 7 октомври.
Синвар (61) помина 23 години во израелски затвори пред да биде ослободен во 2011 година како дел од размена на затвореници.
Тој во моментов се смета за најмоќниот член на Хамас, по атентатот на Ханије, заменик-лидерот на групата, Салех ал-Арури, кој беше убиен во Бејрут, и Мохамед Деиф, воениот командант на движењето.
Синвар не е виден во јавноста од 7 октомври и е на листата на тероризам на САД.
Исмаил Ханије беше убиен во Техеран, а Иран и Хамас ветија одмазда против Израел, кој го сметаат за одговорен за атентатот.