Јужнокорејските власти од понеделник ќе ги засилат ограничувањата против коронавирусот на највисоко ниво во Сеул и некои соседни региони за две недели, откако новите случаи на ковид 19 го достигнаа дневниот рекорд втор ден по ред.
Државата пријави 1.316 нови случаи на ковид-19 во четвртокот, во споредба со претходниот рекорд од средата, кога имаше 1.275 потврдени инфекции во текот на денот, а високи здравствени власти предупредуваат дека бројот може да се удвои до крајот на јули, пренесува Ројтерс.
Со новите мерки училиштата се затворени од понеделник, јавните собири се ограничени на две лица по 18 часот, а сите собири или други настани се забранети.
Според одлуката на властите, ноќните клубови и барови ќе бидат затворени, додека ограничените посети се дозволени во ресторани и кафулиња, а по 22 часот само услуга за носење.
„Само во Сеул се регистрирани 500 нови случаи трет ден по ред, а четири од петте потврдени инфекции се од оваа област“, потенцираше премиерот Ким Бу-Кјум на владиниот состанок пренесен на телевизија.
Иако во понеделник ќе бидат воведени нови ограничувања на „ниво 4“, најтешките од сите мерки на социјално дистанцирање, Ким им препорача на жителите да се воздржат од какви било приватни собири од денес.
Тој исто така најави дека за време на двонеделното заострување на мерките, владата ќе ја суспендира програмата воведена на почетокот на оваа година, што овозможи отворени собири без маски за граѓаните вакцинирани со најмалку една доза против ковид-19.
Јужна Кореја целосно имунизираше нешто повеќе од 10 проценти од своите 52 милиони жители, додека 30 проценти добија барем една доза, претежно над 60-годишна возраст, а земјата планира да достигне колективен имунитет пред ноември со вакцинирање на 70% од населението со барем единечна доза до септември.

