Јужнокорејското Министерство за одбрана денеска соопшти дека ќе ги продолжи воените активности во близина на линијата за демаркација на границата со Северна Кореја и на нејзините северозападни острови, по вчерашната одлука да го суспендира воениот договор со Пјонгјанг од 2018 година.
„Оваа мерка ги обновува сите воени активности на нашата армија кои беа суспендирани со договорот од 2018 година“, се вели во соопштението, во кое се истакнува дека армијата „ќе ги преземе сите можни мерки“ за да ги заштити животите и безбедноста на јужнокорејските граѓани, пренесува Јонхап.
Се додава дека за таа одлука е одговорен севернокорејскиот режим.
„Доколку Северот се обиде да изврши дополнителни провокации, нашата војска силно ќе возврати“, истакнуваат од јужнокорејското Министерство.
Претседателскиот совет за национална безбедност на Јужна Кореја (НСЦ) вчера одлучи да го суспендира воениот договор од 2018 година со Пјонгјанг додека не се врати меѓусебната доверба, како одговор на масовното испраќање ѓубре вo балони од Северна Кореја во Јужна Кореја.
Причината се балони со ѓубре
Северна Кореја испрати речиси 1.000 балони со ѓубре во Јужна Кореја од четвртокот во, како што рече Пјонгјанг, кампања против јужнокорејските активисти кои испраќаат балони со пропаганден материјал кои ги критикуваат севернокорејските власти.
Во оваа акција немало човечки жртви, но падот на некои балони предизвикал материјална штета, наведува Јонхап.
Јужна Кореја во неделата објави дека наскоро ќе преземе големи одмазднички чекори, а Северна Кореја потоа соопшти дека привремено ќе го прекине испраќањето балони.
Во април 2018 година, тогашниот јужнокорејски претседател Мун Џе-ин и севернокорејскиот врховен водач Ким Џонг Ун се состанаа во селото Панмунџом и ја потпишаа Декларацијата Панмунџом, по што следеше заедничка декларација потпишана во Пјонгјанг во септември 2018 година.
Воениот договор, анекс на заедничката декларација, беше потпишан на 19 септември 2018 година, за да се запрат сите непријателски воени дејства и да се воспостават тампон зони преку меѓукорејската граница на копно, море и воздух.