Јужна Кина поплавена седми ден по обилните врнежи

Сподели со своите пријатели

Поради обилните дождови што ги донесе тајфунот Хаикуи, кој сега е на јачина на тропска бура, јужна Кина е поплавена веќе седми ден, а голем број жители и патишта се блокирани.

Loading...

Во руралниот округ Бобаи во регионот Гуангкси, спасувачите на чамци се обидуваа да ги евакуираат луѓето на безбедно од вода длабока повеќе од два метри во неделата, објавија денеска државните медиуми.

Во планинските региони на областа, лизгањето на земјиштето уништи патишта и урна мостови, објави Ројтерс.

На една метеоролошка станица во Бобаи беше соборен локален рекорд кога количината на врнежи достигна 511,2 милиметри на метар квадратен, што е повеќе од четвртина од годишните врнежи во регионот.

Хаикуи ослабе од тајфун во тропска бура на 5 септември кога ја погоди кинеската провинција Фуџијан, но продолжи да носи обилни врнежи во јужна Кина, при што градот Шенжен беше погоден од најсилните дождови од почетокот на евиденцијата во 1952 година, пренесува Танјуг.

Хонг Конг го зафати најсилното невреме во последните 140 години.

Метеоролозите најавија дека обилните врнежи ќе продолжат да паѓаат во Гуангкси во следните неколку дена.