Видео сервисот „Јутјуб“ ги блокираше каналите на рускиот државен медиум РТ и „Спутник“ низ Европа поради ситуацијата во Украина, соопшти денеска компанијата во сопственост на американскиот технолошки гигант „Гугл“.
Беше кажано и дека таквата одлука ќе стапи во сила веднаш, пренесува Ројтерс.
„Ќе биде потребно време нашите системи целосно да се преобликуваат. Нашите тимови продолжуваат да ја следат ситуацијата дење и ноќе со цел да преземат брза акција“, се вели во соопштението на портпаролот на YouTube.
Ваквите мерки уследија по слични акции на компанијата-мајка на Фејсбук МетаПлатформс, која вчера соопшти дека ќе го ограничи пристапот до телевизиската мрежа на РТ и новинската агенција Спутник на нејзините платформи низ Европската унија.
Твитер, исто така, најави дека ќе ја намали видливоста на твитови кои содржат информации од медиумите под контрола на руската држава.