Лидерката на партијата „Баткившчина“ (Татковина) и поранешна украинска премиерка Јулија Тимошенко, која од страна на истражните органи е осомничена за нудење мито на голем број претставници, објави дека нејзините банкарски сметки се блокирани.
Тимошенко го објави ова на Фејсбук, а нејзината реакција доаѓа откако беше објавено дека обвинителите ќе побараат кауција од 50 милиони гривни (околу еден милион евра) и изрекување мерки на претпазливост.
Според неа, дури тогаш дознала дека нејзините сметки се блокирани.
„Што е надреализам? Тоа е кога, во отворено политички нарачан случај, планирате да ја платите кауцијата со парите што сте ги добиле како компензација за политичкиот прогон на одреден кратковид „диктатор“. Но, не можете да го направите тоа бидејќи вашите банкарски сметки се блокирани дури и пред судската одлука.
Вака изгледа „антикорупциската правда“ на меѓународните измамници. Вие наивни луѓе веројатно мислите дека со такви примитивни потези ќе ме натерате да избегам или дека ќе престанам да се борам. Сериозно грешите“, напиша Тимошенко на Фејсбук.
„Големо ПР-шоу“
Украинските антикорупциски тела во вторник вечерта објавија дека откриле корупција поврзана со лидерот на партијата. Подоцна беше потврдено дека случајот се однесува на Јулија Тимошенко.
Таа е осомничена за нудење нелегални бенефиции на претставници од други партии во замена за гласање за или против одредени законски предлози.
Извори од политички кругови потврдија во среда наутро дека истражителите ѝ доставиле на Тимошенко известување за сомневање.
Потоа, Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБО) објави аудио снимка во која, според истражителите, се слуша Тимошенко и неидентификуван пратеник како разговараат за шема на плаќања во замена за гласови во украинскиот парламент.
Тимошенко рече дека станува збор за „голема ПР-шоу“ и „чистење на политичките конкуренти пред изборите“.
Таа тврди дека истражителите „не пронашле ништо“, туку само ги конфискувале нејзините „мобилни телефони, парламентарни документи и лични заштеди, кои се целосно наведени во нејзината имотна карта“.
Таа, исто така, изјави дека објавеното аудио „нема никаква врска“ со неа.

