Овој јули беше еден од најтоплите во светот досега, а единствениот потопол јули бил во 2019 година и во 2016 година, објавија денеска научниците од ЕУ.
Според нив, минатиот месец бил обележан со невообичаено високи температури во бројни региони – од Финска до САД, пренесува Ројтерс.
Ова е, исто така, последната пресвртница во долгорочниот тренд на глобално затоплување, во рамките на кој последните седум години се оценети како најтопли досега, бидејќи емисиите на стакленички гасови ја менуваат климата на планетата.
– Кога ги набљудуваме температурите во светот, забележуваме промени од година во година, па дури и од месец во месец – рече Фреја Вамборг, виш научник од службата на ЕУ за следење на климатските промени Коперник.
– Но, на крајот, главната работа што ја забележуваме е трендот на глобално затоплување – додаде таа.
Минатиот месец беше трет најтопол јули досега во светот, по јули 2019 година и јули 2016 година, објави Коперник. Тоа беше и втор најтопол јули во Европа, по 2010 година.
Податоците за Коперник датираат од 1950 година, но се вкрстуваат со други податоци кои датираат од средината на 19 век.
Неколку региони беа погодени од екстремните временски услови минатиот месец, што е во согласност со мислењето на научниците дека глобалното затоплување ги прави топлинските бранови поинтензивни и дека потопла планета ќе доведе до пообилни врнежи.
Рекордната жештина во Соединетите Американски Држави и Канада, која започна во јуни, уби стотици луѓе и предизвика пожари. Обилните врнежи предизвикаа смртоносни поплави во Кина, Белгија и Германија.
Највисоките дневни температури се регистрирани на тропскиот север од Австралија минатиот месец, додека температурите над Северна Африка беа повисоки од нормалните, објави Коперник.