Сања Јовановска, член на СДСМ и доскорашен технички секретар на Општинската организација на СДСМ Куманово, денеска на прес-конференција упати обвинувања кон претседателот на ОО СДСМ Куманово, Дарко Ристовски, за, како што наведе, обид за физички напад.
Според неа, се случил на 08.04.2025 година во просториите на СДСМ Куманово:
„Под присила од страна на претседателот Дарко Ристовски и секретарот Соња Тодоровска имаше обид да ми биде одземен клучот од партиските простории каде што бев ангажирана во период од една ипол година. Откако одбив да го предадам клучот и тргнав да ја напуштам просторијата, Дарко почна да трча по мене и се обиде физички да ме нападне.“
По инцидентот, Јовановска вели дека престанала да работи во партиските простории и побарала средба со организациониот секретар при СДСМ Мартин Костовски и пратеникот Оливер Спасовски. Средбата, како што тврди, се одржала на 08.05.2025 година.
„Присутни на состанокот беа: Оливер Спасовски, Мартин Костовски, Дарко Ристовски и Соња Тодоровска. Целиот разговор беше проследен со агресивно однесување на Оливер Спасовски кој се стави во одбрана на Дарко Ристовски иако беше запознаен со целата ситуација која претходниот месец се случи во просториите на Општинската организација на СДСМ Куманово.“
На крајот од обраќањето, Јовановска се обрати до јавноста со прашање:
„Дали луѓето треба да бидат слепи партиски послушници кои ќе немаат право на глас и ќе бидат искористувани од партијата и во моментот кога ќе го кренат својот глас, ќе завршат како мене? Вам ви оставам да пресудите дали вакви луѓе можат да работата во интерес на граѓаните!“
Јовановска ја искористи и прес конференцијата јавно да му се извини на Ристовски за навреди кои му ги упатила на социјалните мрежи.
„Како човек кој секојдневно ги почитува моралните норми, сакам јавно да се извинам на Дарко Ристовски за упатените зборови кои кон него ги упатив на социјалната мрежа Фејзбук, и да потенцирам дека зборовите се искажани во состојба на афект, по одржаниот состанок на 08.05.2025 година,“ рече таа.
Од СВР Куманово потврдуваат дека кај нив е регистрирана пријавата.
Никола Ивановски