Американската министерка за финансии Џенет Јелен денеска ја повика Кина да спроведе пазарни реформи и предупреди дека САД и нивните сојузници ќе се борат против, како што ги нарече, кинеските „нефер економски практики“.
Јелен ова го изјави на средба во Пекинг со американски компании кои работат во Кина.
Подоцна денеска треба да се сретне со кинескиот премиер Ли Кианг.
Јелен рече дека дошла во Кина за да ја продлабочи комуникацијата и да работи на „стабилни и конструктивни односи“ меѓу двете земји.
Во исто време, Јелен јасно стави до знаење дека Вашингтон ќе дејствува за да ги заштити своите национални интереси и човекови права.
Редовната размена може да им помогне на двете земји да ги следат економските и финансиските ризици во време кога глобалната економија се соочува со предизвици, додаде Јелен, пренесува Танјуг.
Јелен рече дека јасно ќе им стави до знаење на кинеските власти дека Вашингтон е загрижен за употребата на проширени субвенции за државните и домашните претпријатија, бариерите за пристап до пазарот за странски фирми и неодамнешните „казнени акции“ против американските фирми.