Мајката на човекот обвинет за убиство на поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе е припадничка на Црквата за обединување, позната и како Мунова секта, потврдија денеска од организацијата, за која обвинетиот изјавил дека сакал да и се одмазди.
Тесуја Јамагами (41) сакал да се одмазди на една организација и решил да го убие Абе затоа што мислел дека поранешниот премиер има врска со неа, соопшти во петокот јапонската полиција.
Јапонските медиуми јавија за верската организација без да ја именуваат и потврдија дека осомничената Јамагами сакал да и се одмазди бидејќи наводно добила големи подароци од неговата мајка, поради што нивното семејство се соочило со големи финансиски тешкотии.
„Мајката на осомничениот Тесуја Јамагами е член на нашата организација и учествува на црковни настани околу еднаш месечно“, изјави денеска Томихиро Танака, претседател на јапонскиот огранок на Црквата на обединување, на набрзина договорената прес-конференција во Токио.
Тој не наведе какви подароци давала мајката на осомничениот на црквата, наведувајќи дека истрагата на полицијата е во тек и дека организацијата сака да соработува со полицијата.
Тој истакна дека неговата организација е згрозена од убиството на Абе, кој никогаш не бил нивни член или советник.
Жената се приклучила на црквата во 1998 година и организацијата дознала дека таа западнала во сериозни финансиски тешкотии околу 2002 година, рече Танака, додавајќи дека не ги знаат околностите кои доведоа до банкрот на семејството.
Тој рече и дека подароците за црквата се даваат на доброволна основа.
Абе им подлегна на прострелните рани во петокот додека зборуваше на предизборен митинг во Нара, западна Јапонија.
Црквата на обединување е основана во 1954 година во Јужна Кореја од Сун Мјунг Мун (1920-2012). Работи во таа земја, како и во САД и Јапонија.