Јапонската амбасада ќе донира возило за отпад и контејнери за Општина Куманово

Сподели со своите пријатели

Владата на Јапонија одлучи директно да ги поддржи локалните власти во Гевгелија и Куманово како одзив на тековната бегалска, односно мигрантска криза во Македонија.

Преку „Грант програмата за поддршка на мали проекти (GGP)“, Јапонија ќе помогне во рехабилитација и обнова на медицинска опрема за ЈЗУ Општа Болница – Гевгелија и набавка на специјализирано возило за отпад и контејнери за Општина Куманово.

Ова е четвра помош од Јапонија за бегалската/мигрантската криза во Македонија. Од минатиот септември до сега, поддршката од Јапонија за централната и локалните власти во Македонија изнесува над 5,2 милиони американски долари (4,2 милиони евра).

Во септември 2015, Јапонија распредели приближно 930.000 американски долари итна грант помош за поддршка на бегалците во Македонија преку УНХЦР, ИОМ и Меѓународниот Црвен Крст. Во ноември 2015, Јапонија придонесе 1,2 милиони американски долари за поддршка на планот на УНХЦР за справување во зимски услови со бегалската криза во Македонија.

Во јануари 2016, Јапонија одлучи да придонесе 3 милиони американски долари, преку дополнителен буџет на државата, за проектите на УНДП и УНИЦЕФ за поддршка на локалните власти и поддршка на жени и деца – бегалци имигранти. Во март 2016, Јапонија одлучи да додели грант помош во износ од 150.000 американски долари за гореспоменатите два проекта во Гевгелија и Куманово.

Јапонија континуирано го поддржува развојот на Македонија над 20 години од независноста на земјата, стои во соопштението од Амбасадата на Јапонија во Виена.