Јапонскиот министер за здравство во вторникот изјави дека е многу веројатно дека страната супстанција откриена во вакцината Модерна во јужната префектура Окинава е создадена при ставање игли во шишињата.
Префектурата Окинава во неделата објави дека делумно ја одложува програмата за вакцинација со Модерна вакцината, откако во шишиња и шприцеви биле откриени страни супстанции.
Министерството за здравство подоцна објави дека иглите можеби биле погрешно внесени во шишињата, поради што се скршени деловите на гумената затка.
„Која и да е причината (за страната материја), дознавме дека нема безбедносни или други проблеми“, рече министерот за здравство Норихиса Тамура пред новинарите, додавајќи дека не е невообичаено стран материјал да влезе во шише со други вакцини.
„Ќе продолжиме да собираме информации и да ви известуваме“, додаде тој.
Јапонија се соочува со најголемиот бран на инфекции досега за време на пандемија поради многу заразната делта варијанта на коронавирусот.
Вакцинацијата беше попречена од доцнењето на увезената вакцина и откривањето на контаминација во некои дози на Модерна, што доведе до прекин на употребата на три серии вакцини Модерна минатата недела.
Таро Коно, министерот задолжен за кампањата за вакцинација, во вторникот рече дека сака да ја забрза испораката на вакцини во општините кои беа принудени да ја прекинат вакцинацијата поради недостаток на дози.

