Јапонија ќе ги евакуира своите граѓани од Судан

Сподели со своите пријатели

Јапонија денеска објави дека се подготвува да ги евакуира своите граѓани од Судан.

Loading...

Така, Јапонија ќе стане првата земја што ќе преземе ваква мерка поради насилството што трае од саботата меѓу суданската армија и паравоена група.

Во борбите меѓу паравоената група Сили за брза поддршка (РСФ) на генералот Мохамед Хамдан Дагло и армијата предводена од генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, која е на власт од пучот во 2021 година, според ОН, од минатата сабота загинаа речиси 200 луѓе.

Околу 60 јапонски граѓани живеат во Судан, вклучувајќи го и персоналот на амбасадата, изјави денеска портпаролот на јапонската влада Хироказу Мацуно.

Министерството за одбрана ги презеде неопходните подготовки за евакуација, рече портпаролот на прес-конференцијата.

Во меѓувреме, расте бројот на меѓународни повици за прекин на непријателствата во Судан.

Министрите за надворешни работи на Г7 собрани во Јапонија претходно оваа недела побараа итен прекин на огнот меѓу двете страни, а истиот апел во понеделникот го упати и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.