Амбасадата на Јапонија денеска потпиша договор со Општа болница Куманово со кој се обезбедени 60.000 евра за набавка на дигитален ултразвучен апарат за Интерното одделение.
Донацијата е во рамки на проектот за мали проекти и грантови за основни човекови проекти.
– Се надеваме дека новиот дигитален апарат за ултразвук ќе овозможи висококвалитетна здравствена нега, ќе го зголеми бројот на прегледани пациенти на годишно ниво и ќе го намали времето за чекање за преглед на граѓаните од Куманово и регионите кои го опкружуваат, повеќе од 200.000 пациенти. Програмата има долга историја во Северна Македонија, уште од 1996 година благодарение на прекрасните партнерства со многу соработници од земјава успешно се имплементирани 148 проекти од кои 47 се посветени на медицински институции, изјави амбасадорот Хиронори Савада.
Заклучно минатата година, како што посочи јапонскиот амбасадор Савада со програмата во Македонија се донирани околу 7 милиони евра. Изрази надеж дека донацијата ќе помогне во справувањето со пандемијата.
– Надминувањето на кризата со Ковид19 претставува глобален предизвик и ние сме многу среќни што можеме да ги поддржиме емдицинските институции во вашата земја, особено оние кои придонесуваат за спасување на многу човечки животи во овие тешки времиња. Се надеваме дека нашата поддршка ќе допринесе многу за справувањето со ковид 19, рече амбасадорот.
Директорката на Општа болница Куманово, вели дека ова не е прва донација на Амбасадата на Јапонија во установата и се заблагодари за помошта од јапонскиот народ.
– Пред пет години имаме добиено возило за транспорт на пациенти, а претходно добивме и апарат за анестезија и истите ги користиме во секојдневната наша работа со пациентите. Со буџетот кој го имаме како болница не можеме да ја набавиме целата апаратура што ни е потребна и да ја замениме старата која е амортизирана. Затоа се обративме кај вас за помош и среќни сме што го одобривте нашиот проект, рече директорката.
Со апаратот, како што посочи директорката, пациентите ќе имаат можност за комплетна дијагностика на Интерното одделение, без потреба да одат во амбуланта која се наоѓа во друг објект.
Во текот на денот, амбасадорот оствари средба и со градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, на која се разговарало за сета досегашна и идна соработка.
– Соработката на општина Куманово со граѓаните на Јапонија преку јапонската амбасада е долгогодишјна и ние досега успеавме да реализираме поголем број на проекти помеѓу кои уредување на речното корито на реката Липковка и секако вложувањата во основните училишта во Општина Куманово. Потпишувањето на денешниот договор за соработка помеѓу општина болница и јапонската амбасада е само уште една потврда на нашата долгогодишна соработка. Сакам во мое лично име и во име на граѓаните на Општина Куманово да се заблагодарам за оваа донација која ја давате во клучен момент кога целиот свет се бори со пандемија на светско ниво, а тука е вклучено Куманово заедно со партнери како што е јапонскиот народ.
Инаку проектот за мали проекти и грантови за основни човекови проекти, покрај Куманово, опфаќа уште неколку градови во државата.
Никола Ивановски