Европскиот парламент го усвои Извештајот за „странското мешање во демократските процеси во ЕУ“, во кој, меѓу другото, се осудува Русија за обидот да го дестабилизира Западен Балкан и изразува загриженост за поддршката на Православната црква, Србија и Унгарија на Москва во нејзините геополитички цели.
Текстот на извештајот, кој беше усвоен синоќа, ги осудува обидите на Русија да ги искористи етничките тензии на Западен Балкан со цел да ги разгори конфликтите и поделбите, кои, како што се оценува, „можат да доведат до дестабилизација на целиот регион“.
ЕУ за економските санкции против Русија: Го достигнавме својот максимум
„Европскиот парламент е загрижен поради обидите на православната црква во земји како Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, особено во Република Српска, да ја промовира Русија како заштитник на традиционалните семејни вредности и да ги зајакне односите меѓу државата и црквата“, се наведува во извештајот.
Тој додаде дека Европскиот парламент е „вознемирен“ затоа што верува дека „Унгарија и Србија им помагаат на Кина и Русија во нивните геополитички цели“, поради што повикува на дијалог со граѓанското општество од Западен Балкан и приватниот сектор за „координирање на напорите за дезинформација во регионот“.
Парламентот ја повикува Европската комисија да изгради инфраструктура потребна за да обезбеди одговори засновани на докази на краткорочните и долгорочните закани со дезинформации во Западен Балкан и ја повикува Европската служба за надворешни работи да биде поактивна во градењето на кредибилитетот на ЕУ во регионот .
Во извештајот на Европскиот парламент се наведува дека „злонамерните и авторитарни земји, како Русија и Кина, манипулираат со информации со цел да ја нарушат демократијата на ЕУ“, додавајќи дека европските граѓани и влади генерално „не се свесни за заканата“.
ЕП повикува на санкции за странско мешање и кампањи за дезинформација, вклучително и одземање на лиценците за организациите кои дистрибуираат странска државна пропаганда.