Кошаркарите на израелскиот клуб Хапоел Холон вечерва во Куманово беа под будно око на полицијата, но и на дел од специјалните единици.
Со низа барања за безбедноста пристигнале Израелците во Куманово, дознава Кумановски Муабети.
Улицата пред спортската сала на СОУ „Перо Наков“ беше затворена за сообраќај со низа полициски возила со ротации, а видно беше присуството и на возила со дипломатски регистрации.
Во салата не можеше да прелета ни врапче поради будното око на полицијата која регулираше кој влегува и излегува и водеше детална евиденција.
Според информациите до кои дојде порталот Кумановски Муабети, пред почетокот на натрепварот спортската сала ја посетила и екипа од антитерористичката единица при Министерството за внатрешни работи која со кучиња трагачи го чешлала теренот поради евентуални експлозивни направи.
На натпреварот присуствуваше и дел од раководството на БИБЛ лигата, а целата организација наликуваше на натпревар од висок безбедносен ризик.
Мечот заврши дваесетина минути пред почетокот на полицискиот час, но силното полициско обезбедување остана се додека тука беа и Израелците.
Никола Ивановски