Панел од израелски владини експерти во вторникот препорача четврта, дополнителна доза од вакцината, за секој на возраст од 18 и повеќе години, а таа препорака допрва треба да биде одобрена од Министерството за здравство.
Препораката за четврта доза од вакцината се однесува на сите возрасни лица доколку поминале најмалку пет месеци од третата, дополнителна, доза на вакцината.
„Одлуката е донесена по позитивни резултати кои покажуваат три до пет пати подобра заштита од сериозни болести по четвртата доза од вакцината“, се вели во соопштението на стручното тело.
Исто така, тие рекоа дека заштитата од инфекција е двојно поголема кај оние кои примиле четири дози од вакцината во споредба со оние кои примиле три дози.
Пред да се прошири кампањата за четвртата доза од вакцината, препораката на панелот експерти сè уште треба да биде одобрена од Нахман Еш, генерален директор на Министерството за здравство.
Израел веќе почна да вакцинира со четвртата доза на лица на возраст од 69 години и повеќе и други ризични групи, а досега над 600.000 луѓе во Израел ја примиле четвртата доза од вакцината.
Но, во Израел не постои широк консензус за потребата од вакцинација со уште една дополнителна доза на вакцина.
Минатата недела, водечки научник во студија која се занимава со ефикасноста на четвртата доза од вакцината изрази скептицизам за нејзините придобивки.
Гили Регев-Јочај, директор на одделот за заразни болести во Медицинскиот центар Шеба во Тел Авив, рече дека првите резултати од нејзината студија покажале дека четвртата доза не обезбедува голема дополнителна заштита.